Промената на сообраќајните дозволи по станиците за технички преглед и утрoво се наплаќа, иако Владата уште завчера најави дека тие треба да бидат бесплатни за граѓаните. Ваква информација добивме денеска од станиците во коишто се врши и регистрација на возилата и издавањето на нови сообраќајни дозволи.
-И утрово издавањето на сообраќајните дозволи се врши како и досега, се наплаќа. Се уште не е добиена телеграма и известувањето дека сообраќајните дозволи не треба да се наплаќаат. Така ќе биде се додека не стаса известувањето. Ако тоа дојде во текот на денот, тогаш новите сообраќајни нема да се наплаќаат, ни изјавија во една од станиците за технички преглед од подрачјето на скопската општина Карпош.
Замената на сообраќајните дозволи се врши на шалтерите на МВР коишто се лоцирани во станиците за технички преглед на возилата. Од МВР и од Владата се уште нема најави дали е пратено известувањето дека замената на сообраќајните дозволи не треба да се наплаќа.
Владата завчера донесе одлука со која замената на возачките дозволи и на сообраќајните дозволи треба да биде бесплатна за оние граѓани кои од вчера па до крајот на годинава ќе вршат замена на овие лични документи. Но, граѓаните кои вчера биле во станиците за технички прегледи биле непријатно изненадени бидејќи на шалтерите морале да платат такса за замена како и претходно. Вкупната сума која ја плаќале граѓаните кои ја менувале сообраќајната дозвола изнесува 990 денари.
Владата е на потег, треба брзо да реагира.