По наметнатата обврска од страна на власта – сите жители на Македонија да ги сменат личните документи – со цел на нив да го има омилениот збор на Владата – Северна – се уште тешко се организираат работите околу тоа. Редовното закажувања во МВР ако го направите сега – ќе добиете термин за во лето, а наметнатиот рок е за до 12 февруари. Апсурд.
Власта не ги слуша поодамна почнатите апели на граѓаните терминот да се пролонгира. Само најави поголема активност и направи нов пукт во Скопје за правење лични документи.
Редици граѓани и утринава се пред новиот пункт на МВР за вадење на лични документи без закажување лоциран во полициската станица „Пролет“. Пункот, инаку, се уште не е официјално отворен и е во пробна фаза на работење. Но, тоа не беше пречка за голем број на граѓани да се решат да заминат и да чекаат да дојдат на ред за поднесување на барања и фотографирање за лични документи.
Вчера околу 1.000 граѓани се фотографирале за лични документи без закажување во новите простории на МВР каде има 12 кабини. Така, се чини, ќе биде и денеска.
Пунктот е наменет за сите граѓани кои немаат закажано термин за вадење на лична карта, возачка дозвола или пасош или пак терминот им е после 12 февруари наредната година.
Според најавите, пунктот официјално ќе биде отворен утре и ќе има работно време од 8 до 18 часот.
Дали тоа ќе биде доволно? Дали власта треба и понатаму да размислува за одложување на наметнатиот термин?
Граѓаните на социјалните мрежи укажуваат дека постапка за менување на сите документи за цело семејство е прескапа работа и дека ако се одложи терминот ќе има време да си направат сопствен распоред на приоритети, а и на некој во меѓувреме ќе му истече рокот на постојните документи и ќе си ги замени без да мора да преплаќа за нешто што му е валидно.