Во учебниците по историја, ќе се менуваат термините каде што бугарската нација се поврзува со фашистички окупатор.
-Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата. Се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство, нормално, очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се, исто така, и од бугарската страна тоа да го направат, зашто така се гради пријателство, наместо да оквалификувате цела една нација за одредена определба во тоа време, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Исто така кажа и дека голем дел од спомениците што ги има и во Бугарија и во Македонија треба да бидат во пријателски дух, така што, посочи, фашизмот не смее да има етничка димензија.
-Кај одредени наши споменици тоа е веќе направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете цела нација да обвините за тоа дека учествувала во Третиот рајх во тоа време, рече Заев.
Патоказот, краткото и долго име на државата, немешање во внатрешните работи и, секако, преговарачката рамка, што е работа на ЕУ со Бугарија, се конкретните чекори што ги побарала Софија во преговорите за што Заев денеска рече дека ќе ги сработиме до крајот на годината.