Се уште сонцето е силно и деновите се летни, ама градоначалникот Петре Шилегов веќе стратешки мисли на зимата. А во зима… Градот добро знае, најважна работа е Нова Година да се пречека.
Околу 200.000 евра планираат да потрошат градските власти за претстојното новогодишно украсување на градот. Тендерот за оваа јавна набавка вчера е објавен на сајтот за јавни набавки при што се наведува дека вредноста на набавката изнесува 12.711.864,40 денари, без ддв.
-Декорирањето и украсувањето за време на новогодишните празници треба да е на високо естетско ниво, во духот на модерното време на живеење, со современ и атрактивен дизајн, уметнички и ликовни ефекти, е барање содржано во тендерот.
Предвидено е заинтересираните фирми понудите да ги достават до 26 октомври.
-Економскиот оператор треба да има реализирано најмалку 3 договори со потврда, од ист или сличен вид со предметната набавка, при што најмалку 1 од договорите да биде на износ од најмалку 10.000.000,00 денари без ддв, а најмалку 2 од договорите да бидат на износ од најмалку 5.000.000,00 денари без ддв, во последните 3 години, се наведува во условите за пријавување на тендерот.
Времетраењето на украсувањето е предвидено да биде во периодот од 20 ноември 2020 година па до 25 јануари 2012 година.
Лани за ова намена градот потроши околу 285.000 евра.
Засега останува непознато, кој ќе биде поканет од страна на Шилегов да пее на Нова Година и дали веќе има непознати спонзори-донатори кои тоа ќе го платат, како што според градоначалникот, направија минатата година.
Непознато е исто така дали можеби Шилегов ќе ја скрати големата сума која ја предвидел за украсување на градот, оти скопјани јасно му порачуваат дека има многу поголеми приоритети од лампионите.