Со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст ќе се соочат децата до 14-годишна возраст доколку пијат 500 милилитри дневно од сокот „Прајм“, предупреди денеска Институтот за јавно здравје.
До ова доаѓа откако во Словенија и Хрватска е забранета кофеинската верзија на овој пијалок. Тој содржи Л-теанин, кој не е дозволен во безалкохолните пијалоци во ЕУ. Негова безкофеинска верзија се продава во македонските маркети по цена од 300 до 400 денари и е популарна меѓу младите. Инаку, пијалоците на компанијата „Прајм Хидратејшн“ содржат витамини, минерали и засладувачи.
Од ИЈЗ велат дека производот на „Прајм хидратејшн“ кој може да се најде на пазарот во Македонија не содржи кофеин и шеќери а што значи дека не е енергетски пијалок, но затоа содржи засладувачи.
-Во декларацијата на производот е наведено да се консумира 500 мл дневно. Содржината на витамините и минералите одговара на препорачаниот дневен внес на витамини и минерали за возрасен човек. Но, овој производ е многу популарен и широко употребуван од страна на децата. Ако децата, на возраст од 1 до14 години, консумираат 500 мл дневно од овој производ, ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок. Секако дека во текот на денот ќе ги внесуваат истите витамини и преку други прехранбени продукти. За децата на возраст од 7 до 14 години дневниот внес на витамини и минерали е два пати повисок преку овој пијалок, а ова особено се однесува на липосолубилнните витамини, како што се витамин А и витамин Е, стои во извештајот.
Затоа, ИЈЗ потенцира дека пиење „Прајм“ кај децата треба да биде ограничена и контролирана од родителите, да не се дозволи пиење 500 мл дневно.
-Како и секогаш нашата препорака е децата да консумираат вода и природни сокови. Напомена за возрасните лица дека не треба да консумираат повеќе од 500мл дневно, вели ИЈЗ.