ИЈЗ: Нови 50 случаи на голема кашлица од 1 до 7 март

Од 1 до 7 март, пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица, а најголем број од случаите се пријавени во Скопје – 43, во Тетово – три, по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен синоќа.

Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.

Возраста на заболените се движи до 40 години, а најголем број случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.

– Заклучно со 7 март, во Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, осум се од Тетово, пет живеат во Куманово, во Гостивар два и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани. Заболените лица се на возраст од еден месец до 70 години. Најголем број заболени се деца на возраст до четири години, односно 27 случаи или 15,6 проценти припаѓаат на возрасната група под една година, а 22 или 12,7 отсто се деца на возраст од една до четири години, а во возрасната група од 10 до 14 години се пријавени 43 случаи или 24,9 проценти, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број регистрирани случаи – 173, 102 случаи или 58,0 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од заболените, 33 лица се хоспитализирани или 19,0 проценти и тоа 28 или 84,8 отсто од нив на возраст до четири години.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација – Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар, било утврдено дека се пронајдени 13.593 деца пропуштени за вакцинација. Од нив, вакцинирани биле 5.756 или 42,3 отсто. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 2.879 или 50,0 проценти.

Во државава, без Скопје, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се 7.394 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 2.560 или 34,6 проценти. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 1.225 или 47,9 отсто.

Претходна вестПовредени четворица малолетници, со „Пежо“ удриле во ѕид
Следна вестПетровска: МО не ја исклучува можноста да прими на лекување војници од Украина