Во претстојната сезона 2024/25 ракометниот клуб Еурофарм Пелистер ќе биде побогат за уште еден шампион – нов играч на македонскиот првак е српскиот репрезентативец Илија Абутовиќ (35).
Дефанзивецот со богата кариера доаѓа во Битола од француската лига, каде го носеше дресот на Шартр. Роден во Врбас, Абутовиќ се обврза на едногодишен договор со битолскиот клуб и ќе се приклучи на подготовките на екипата во последната недела од јули.
Абутовиќ дебитираше за Спартак Суботица во 2006 година, а потоа ги носеше дресовите на Партизан и словенечки Слован од Љубљана. Во 2011 година потпиша за Вардар и остана седум години. Потоа го чекаше предизвикот Бундеслига и четири години го носеше дресот на Рајн Некар Левен. Последните две сезони ги мина настапувајќи за Шартр.
Абутовиќ со Вардар во сезоната 2016/17 ја освои титулата во Лигата на шампионите, воедно има пет освоени првенства на Македонија, титули од српските шампионати и Куп, како и четири изданија на СЕХА лигата. Абутовиќ во Битола ќе биде претставен на почетокот на подготовките.