Околу 1.000 граѓани чекаат на упатен акт за да одлежат тримесечна затворска казна поради тоа што ги прекршиле ковид-прописите, изјави денеска Јовица Стојановиќ, директорот на Управата за извршување на санкции. Во настапот на емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 денеска тој предупреди дека овие луѓе ќе бидат изложени на „криминална инфекција“.
– Тие луѓе се изложуваат на криминална инфекција за три месеци и прават непотребна гужва. Инаку, за две или три години нема да има намалување на гужвите по затворите, рече Стојановиќ.
Тој ги повика судовите повеќе да ја применуваат во овие случаи пробацијата како можност и да им дадат условен отпуст со заштитен надзор на овие категории.
– Во моментов има 2.600 упатни акти кои чекаат за реализација, а капацитетот во затворите е 2.200 и тој е веќе исполнет. Плус на овие бројки има уште 1.000 кои чекаат поради Ковид-19, додаде Стојановиќ кој алармира дека во затворот во Идризово поради пренатрупаност 50-тина лица спијат на душеци на под во ходниците .
Стојановиќ рече дека не е во негова надлежност да зборува за тоа дали треба да се донесат законските измени за амнестија, но прашува како во тој случај ќе се обештетат тие што платиле казна или веќе ја издржале казната.
Иако се најавуваше во иминативе месеци во македонското Собрание се уште не е поднесен предлогот на законот со кој овие лица би биле амнестирани. Проценка е дека околу 3.500 граѓани осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата треба да бидат опфатени со амнестијата. Голем дел од нив се социјални случаи на кои им се заканува затвор. Зад предлогот требаше да стои група пратеници но се уште не е направена конкретна форма на предлогот кој превенствено треба да ги опфати социјалните слуачеви но и другите лица.