Нели Владата ќе штеди: Кабинетите како оној кај Груби зошто не се преградат на неколку помали?

Се сеќавате ли кога министрите не уверуваа дека мора да се штеди? На греење, на трошење електрична енергија… Вицепремиерот Артан Груби лани во септември дури кажување дека оди и проверува по државните канцеларии каде не е исклучено светлото.

Арно ама пред некој ден видовме дека баш во неговото министерство има канцеларии големи скоро како ракометарско игралиште. Колку треба тоа да се загрее и осветли?

Може и рефлектори ќе се стават таму оти гледавме неодамна играње на фудбал и на кошарка во голема канцеларија во министерството на вицепремиерот Груби. Си ги повика сопартијците од ДУИ и извадија баскет, фудбалска топка…

Не било тоа страшно, објаснуваа потоа министрите – спортисти. Ама страшно е што толкава површина има еден кабинет кој со леснотија прими шестмина актуелни и поранешни министри да играат мал фудбал и кошарка!? Од објавените фотографии можеше да се види дека има место и за претениците на ДУИ, може следниот пат и нив ќе ги повикаат?

Зошто има потреба од толкави канцеларии кои обично ги користат министри, нивните заменици, директори на јавни претпријатија…? Не треба ли тие да се преградат и од нив да се направат плус 3-4 канцеларии и таму да се смести прекубројната администрација? 

Тоа би било вистинско штедење. Тогаш некоја владина зграда дури и би се испразнила со некој спрат, па може државата и да ја издава, а не сега за неа да плаќа вода, парно, одржување, а и фудбал играње…

А воедно во помали канцеларии министрите и директорите може полесно ќе увидат дека во Македонија можностите за пристоен живот за обичниот граѓанин се тесни, мали…, а не раскошни како во сегашните нивни со народни пари платени кабинети.

Претходна вестПриведен прилепчанецот кој на Бадник пукал со пиштол
Следна вестИлјада граѓани чекаат да одат во затвор поради Ковид-19, предлогот за амнестија се уште чека