Дојде време крадците во Скопје да не бираат што ќе украдат. Во арсеналот на работи кои се предмет на кражби на подрачјето на градот влегоа и столбовите за улично осветлување. Ваква кражба се случила вчера на подрачјето на скопската општина Чаир а за неа информира скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој соопшти дека настанот се случил на прометната сообраќајница улицата „Цветан Димов“.
-Вчера на ул. „Цветан Димов“ во Чаир беше пресечен и однесен еден од столбовите за улично осветлување. Благодарение на совесните граѓани кои го пријавија случајот, сторителите беа фатени на дело, заработија казни од градската инспекција и полицијата, а до крајот на денот столбот беше повторно подигнат на истото место, објави Шилегов на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој не објасни со какви мотиви и цел била извршена оваа невообичаена кражба. Но, очигледно, по кражбите и оштетувањата на урбаната опрема каква што се канти, контејнери, цвеќе… сега надлежните ќе треба да се справуваат и со опасноста од кражби на столбови за улично осветлување.
Едноставно крадците се осилија оти многу слабо ги гонат и казнуваат.