Владата на последната седница изврши нова тура на именувања на први луѓе на неколку државни институции и препораки за нови членови во управните и надзорните одбори. Не се слушна во јавноста дека биле распишани конкурси за директорските места.
Стево Крстевски дојде на чело на Фондот за здравство, Билјана Јовановска на чело на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Стојанче Ангелов седна во раководна фотеља на Центарот за управување со кризи… За волја на вистината сите тие се именувани како „вршители на должноста“ што значи дека не се конечно именувани како директори. А тоа значи дека во наредниве месеци ќе се види дали за овие функции ќе се распишат конкурси на кои ќе можат да се јават сите заинтересирани кандидати па ќе се избере оној кој ќе понуди најдобра визија. Или, по неколку месеци, кога ќе се заборават многу работи, на некоја од владините седници ќе се донесе одлука за „трансформацијата“ на статусот од в.д. во траен.
А, за потсетување, владејачките партии во зборната кампања ветуваа дека нема веќе да се поставуваат директори од ракав, туку на конкурси.
Неодамна имаше именувања на директор на ЈП „Државни патишта“, на старо-новите директори во Службата за општи и заеднички работи и на Бирото за јавна безбедност, на новиот диркетор на Агенцијата за вработувања…
Ако нема конкурси тоа ќе значи дека Владата дефинитивно се откажала од намерата и ветувањето на таков, многу пообјективен начин, да ги избира првите луѓе на државните институции, агенции, фондови… Но, ете, се случи во Одборот на директори на Македонски телеком да се предлагаат да бидат избрани поранешните министри Нина Ангеловска и Садула Дураку.
Сето тоа е голем сигнал дека Владата сака да продолжи со декрети да ги вдомува своите партиски кадри и да им наоѓа директорски места и да им обезбедува големи привилегии и финансиски примања. Ако така се прави тогаш зошто да се дискриминираат другите раководители кои мораат да конкурираат за некои други позиции?