Да се штеди, да се чува струјата, да не се трошат парите на граѓаните непотребно… Ова често го слушаме од нашите политичари, министри, градоначалници во ова време. Па се носат најразлични мерки, планови за штедење, за рационализација за да им се покаже на граѓаните како се води сметка за секој денар.
Но, дали е секогаш така? Се води ли сметка за да се сопрат непотребните трошења. Се чини дека не, а како пример повторно може да послужи режимот на уличното осветлување во градот. Пример е од централната скопска општина Центар, и то атокму од централната градска улица „Македонија“. На неа, веќе со денови јавното улично осветлување работи и во периодот кога не е потребно, кога веќе постои добра денска светлина. Уличните светилки деновиве редовно светлат меѓу 7 и 8 часот кога дневното светло е веќе силно и кога нема потреба светилките да бидат вклучени. Така беше и утринава кога ја направивме фотографијата на која се гледа дека се вклучени сите светилки.
Објаснување зошто се вклучени светилките и зошто се троши струјата во периодот кога не е потребно нема. Колку чини овој непотребен трошок, не е тешко да се пресмета. А доволно е само да се изврши подесување на прекидачите. Но, некој од општина Центар треба да даде налог за тоа, а тоа е, нели, многу тешка работа…