Има ли некој во ЈСП „Скопје“ да напише извештај зошто им се потребни 9 милиони евра?

Неизвесност дали во наредниот период скопјани повторно можат да останат без јавен превоз повторно се појави. Советниците во Советот на Градот Скопје на последната седница одбија да одобрат исплата на околу 9 милиони евра како субвенции за ова градско јавно претпријатие. Тие прво побараа објаснување за што точно се планираат дополнителните пари за ЈСП годинава.

-Една година се чека информација за состојбата во ЈСП и одговор немаме, па затоа предлагам да се повлече оваа точка од дневен ред и да се постави на наредната седница, за во меѓувреме да добиеме објаснување, рече советникот Филип Јаневски.

На ова следеше усно објаснување на секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, кој ги замоли советниците позитивно да се изјаснат за предлогот.

– Средствата исклучиво се однесуваат за плати и за ратите од кредитот за набавените автобуси во 2019 година. Дотации други за ЈСП нема. Дотациите од Владата беа 10 милиони денари месечно и тие прекинаа по ребалансот на централниот буџет и за јули, август и септември ЈСП сам го покрива тој превоз. Дел од средствата се за плати на вработените. Тоа значи дека ако денеска не се изгласа одлуката, ќе биде исклучително тешко да се извршуваат обврските на ЈСП и сервисирањето на другите обврски,  предупреди Глигоров.

Но, главното прашање е зошто градските советници речиси цела година не добиваат писмен извештај за состојбата во претпријатието. Сите се свесни дека тоа е во незавидна положба и дека треба многу труд и пари за да застане на здрави нозе. За таа цел, сепак треба да постои отчетност за тоа каде ќе се потрошат толку пари собрани од граѓаните. Изјави дека тие ќе отидат за „плати и за рати“ и дека тоа е „редовно сервисирање“ не се доволни бидејќи без јасно прецизирање лесно може да се случи на парите да им се загуби трагата. Исто така, во извештајот треба да се наведат и сите неподмирени обврски коишто ги имаат Градот, Владата и другите кон најголемиот градски превозник. Тогаш и појасно ќе се види кој е виновен за проблемите. Време да се напише извештај има и раководството на ЈСП „Скопје“ треба да седне да го напише пред да почнат најавите дека ќе се штрајкува, дека граѓаните ќе останат без јавен превоз.

Претходна вестПолицајка удрена од „бмв“ на улица „Рузвелтова“
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Перките од ајкула, станаа брашно, Ковачевски ги поскапе сите производи за да го полни буџетот за крадење