Има ли редици со странски инвеститори на македонските граници?

Нови странски инвестиции ќе дојдат, нови вработувања, поголеми плати… сето ова се пораки кои последниве години се слушаа од македонските државни функционери како дел од убедувањата дека успеале да ја направат Македонија привлечна за странски инвестиции. Посебно ова се верглаше пред неколку години кога ја убедуваа јавноста дека со смената на името и влезот во НАТО странските инвеститори ќе поитат во нашата земја.

Ама, еве, на 27 март ќе се одбележи и четврта година откако сме во редовите на НАТО, но ефектите од најавеното доаѓање на странските инвестиции не се гледаат.

Така, неодамна Нардната банка соопшти дека во минатата 2023 година вкупните директни инвестиции во Македонија изнесувале 616,7 милиони евра. Лани најголеми директни инвестиции имало од Турција (171 милион евра), а потоа следуваа Германија (108,4 милиони евра), Унгарија (63,3 милиони евра), Австрија (47,8 милиони евра) и Холандија (45,4 милиони евра). Колку за споредба, во 2018 година странските инвестиции изнесуваа 614 милиони евра. Преклани во 2022 година, пак, странски директни инвестиции, според Светската банка, во Македонија изнесувале 870 милиони американски долари, слично како на Косово, Црна Гора, додека една Хрватска имаше 3,6 милијарди долари, а Бугарија 3,2 милијарди… Србија, пак, во 2023 година имала инвестиции од 4,5 милијарди евра иако не е членка на НАТО.

Сонот, да имаме странски инвестиции повеќе од една милијарда евра за една година, очигледно, тешко се остварува. Зошто е така?

Да не им пречи на странските инвеститори големата корупција во земјава? да не им пречи тоа што немаме добра патна инфраструктура? За железничката по која се движат возови едвај со 50 километри на час и да не споменуваме… Може пак, има редици на странски инвеститори на македонските граници, ама уште не стигнале да влезат?

Инаку, Советот на странските инвеститори неодамна излезе со анкета во која покажа дека само 43 проценти од компаниите веќе присутни кај нас истакнале дека повторно би инвестирале доколку треба да одлучат сега. Ова многу кажува…  

Претходна вестВозрасните од денеска може да се вакцинираат против голема кашлица, порача Демири
Следна вестМакедонските ракометари денеска го имаат првиот тест со Романија