Има ли висок функционер кој нема блиски роднини во М-НАВ?

Акционерското друштво со еден акционер, државата – давател на услуги на воздухопловна навигација, М-НАВ, извесно е една од најатрактивните фирми за работење во Македонија. Бројот на вработените веќе надмина 300 лица, во неа се делат бруто месечни плати и до 6.000 евра…

Кој не би посакал таму да работи?

Па, за да се работи таму луѓе се подготвени и други луѓе да тепаат. А, сега по скандалот со упадот на групата насилници во просториите каде работат контролорите на летање, на површина излезе дека меѓу вработените има бајаги лица кои се во тесни роднински врски со македонските политичари. 

Откако премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека М-НАВ одамна е претворена во „семејна фирма во која се вработувале до трето колено“, медиумите деновиве истражија и кој се таму нашол добро платена работа.

-Во М-НАВ се вработени роднини на тројца актуелни министри. Таму од поодамна е вработена сестрата на министерот за надворешни Бујар Османи, снаата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски. Извори во М-НАВ велат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши. Роднините на Николовски и Незири работат како помошници контролори , а во оператива работи и сестрата на Османи, останатите се во администрација, беше објавено на ТВ „Телма“.

За ова министрите имаа објаснувања. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кажа дека неговата сестра работи во М-НАВ од пред 15 години, а за критериумите по кои работи тој им одговори на новинарите да ги прашаат во М-НАВ.

Првиот човек на ресорот за земјоделие Љупчо Николовски, пак, објасни како таму се нашле неговиот чичко и внук.

-Чичко ми работи пред јас да бидам роден. Тоа ли ви е најбитната тема за сето она што граѓаните ги интересира. Мојот внук е стручен кадар школуван во Јапонија, во Кина и во Словенија кој после 20 години се вратил во земјата и секој од нас треба да се бори да ги задржи младите дома, соопшти Николовски.

Вицепремиерот Артан Груби, пак, не се потруди да и објасни на јавноста како во М-НАВ се нашла неговата снаа.

Има ли и други вработени во Контролата на летови кои се во тесни врски со други политичари од сегашната, но и од претходните власти? Претворена ли е оваа фирма во „градинка“ за нечии „деца“, или ова наведеново е случајност?

А дека таму царува и непотизмот беше обвинет оф политичарите токму првиот синдикалец во М-НАВ Александар Талевски. Во М-НАВ работеле и неговиот татко и брат. Тој потоа објасни дека неговиот татко и претходно бил вработен во полето на авијацијата и по што дошол во М-НАВ. Талевски наведе дека сепак ги поминал сите обуки, курсеви, испити…

Дали и какви роднински и партиски врски имаат останати вработени засега се уште не е познато. Но, очигледно е дека високи функционери ете баш таму имаат свои блиски роднини. 

Сепак, тоа најверојатно е ретка, ретка случајност. Едноставно, така се погодило. Па, нашиве министри силно се борат против привилегии, непотизам, нестручност…

Претходна вестЧетири лица повредени меѓу кои и деца, автомобил излетал од патот Куманово-Арачиново
Следна вестСудскиот совет ја запре постапката против Беса Адеми