Чија е големата вила на Халкидики во луксузниот комплекс „Вили Агнати“ на Халкидики? На премиерот Зоран Заев, на неговиот брат, на нивната фирма, или пак тие таму воопшто немаат имот? Ваквото прашање се уште останува отворено откако во текот на изминатиов викенд се слушнаа најразлични тврдења околу ова.
Прво бугарските портали „Биг5.бг“ и „Афера.бг“ објавија статија илустрирана со фотографии во која се тврди дека луксузниот комплекс е во сопственост на македонскиот премиер. Се пренесуваат и изјавите на локалното население кое тврди дека Заев последен пат престојувал во вилата пред неколку месеци, како и наводите на тамошните медиуми дека куќата е регистрирана на име на компанијата на братот на Зоран Заев.
Од Владата, вчера го демантираа пишувањето на бугарските медиуми.
– Медиумските содржини објавени во некои информативни гласила дека премиерот Зоран Заев поседува вила на грчкото приморје се лажни и тенденциозни. Бараме сите медиуми коишто ја објавија лажната вест во целост да го објават овој демант, во спротивно ќе се преземат сите правни механизми во насока на зачувување на угледот на засегнатите страни, додаваат од Владата.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, сето ова го прокоментира дека „смрди на криминал од далеку“.
–Претпоставувам дека во сопственичкиот лист вие тешко ќе го најдете името на Зоран Заев, но истовремено сум сигурен дека во имотниот лист ќе најдете имиња кои што некако ќе можат да се поврзат со семејството Заеви. Јас навистина загрижен бидејќи ако во нешто сме први во регионот и во Европа, тоа е по криминалот и корупцијата и злоупотребата на врвните политичари, рече Мицкоски.
Очигледно, премногу верзии и тврдења по оваа тема. Јавноста останува збунета и чека подетална информација…