Обид за препишување на државна матура завршил со инцидент во Кичево. Ученик бил избркан од полагање бидејќи користел телефон за време на тестот. По ова родителите дошле во училиште и вербално ги нападнале тестаторите по што интервенирала и полицијата. Освен овој, од полагање се отстранети повеќе ученици кои и вториот екстерен тест го сликале за да препишуваат. Во вибер групата каде бил споделен испитот англиски јазик членувале повеќе од 3000. Помош преку вибер барале и за тестот по математика.
Препишувачи се фатени во десетина градови низ државата. За разлика од првиот тест сега сите ученици кои фотографирале и користеле телефон паднале на испитот. Сепак, овие ученици ќе имаат шанса повторно да полагаат во август. ДИЦ отстраниле и тестатори кои допуштиле да се користи телефон.
Државна матура се полагаше во холовите и спортските сали на училиштата за да има поголема прегледност за време на полагањето. Во скопската гимназија Орце Николов полагањето помина без проблеми. Најголем број од учениците избрале да полагаат англиски или друг јазик.
Во оваа гимназија испитот бил строго регулиран од набљудувачите, учениците сепак се задоволни од тестот.
За вториот екстерен испит 13 198 матуранти се пријавиле да полагаат англиски јазик, математика само 1355. Помал број ученици се пријавиле за испит по француски, германски и естетика.
Вибер група со повеќе од 7000 членови беше откриена и за првиот екстерен испит по мајчин јазик. ДИЦ најави дека ќе формира комисии кои ќе проверуваат кој препишувал и испитот ќе биде поништен. Од Испитниот центар предложија МОН во иднина да им обезбедат блокатори на сигналот за мобилни телефони за да се спречи препишувањето.