Институтот за социологија при Филозофски: „Реформирањето“ на нашето образование повеќе заличува на „невладина организација“ отколку на сериозна институција

Новата концепција за основното образование е однапред осудена на пропаст и ќе биде уште една од низата неуспешни реформи во државата, став е на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје и на Здружението на социолози на РМ по повод предложениот нов „Концепт“ во македонското образование, но и на други слични активности во образованието.

Во нивното денешно соопштение се наведува дека се продолжува со една вообичаена практика нетранспарентно „реформирање“ на нашето образование кое веќе повеќе заличува на „невладина организација“ отколку на сериозна институција.

-Еден од клучните аргументи на кој се повикуваат авторите на оваа концепција, се дизајнирањето и позитивните искуства на финскиот образовен систем. Навидум звучи убаво да се повикате на образовниот систем кој во моментов е најдобар во Европа по многу параметри. Меѓутоа, доколку не се земат предвид фактите на кој начин е имплементиран и во кој општествен контекст функционира овој образовен систем, тогаш се влегува во непромислена авантура која може да доведе до сериозни последици за учениците, наставниците и современото македонско општество во целост, укажуваат социолозите во реакцијата потпишана од раководителот на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје проф. д-р Константин Миноски.

Социолозите укажуваат дека овој тип на образовен систем Финска го надградувала неколку децении. Уште во 1980 година за прв пат се појавува идејата за интегрирани предмети и воведување на холистички принцип во наставата.

-Но, не прават никакви радикални промени во образованието, туку во одредени училишта ги испитуваат резултатите од неколку интегрирани курикулуми. Со еден ваков лонгитудинален пристап, од една страна, чекаат оваа идеја да созрее, а од друга страна, многу сериозно ги следат резултатите од ваквите дидактичко-методички принципи. Последното државно јадро на наставната програма за основно-средно образование е донесено во 2014 година. Како за илустрација за нивниот сериозен и научен пристап, ова програма ја подготвуваат три години. Реформите со постепена имплементација ги завршуваат во 2020 година. Првите резултатите од реформите научно ќе ги валоризираат во 2021 година. Од ова се гледа дека подготовките и имплементација на последната образовна форма се одвиваат во период од 10 години. Во македонскиот случај подготовките и имплементација на образовните реформи во основното образование МОН заедно со своите партнери планира да ги спроведе за една до две години!!!, се објаснува во реакцијата.

Тие укажуваат дека задолжителни предмети во националното образовно јадро на Финска се: мајчин јазик и литература (фински или шведски); втор национален јазик (шведски или фински); странски јазик; екологија; здравствено образование; религија или етика; историја; општествени студии; математика; физика; хемија; биологија; географија; физичко образование; музика; визуелни уметности; занаети и домаќинство. Ова претставува само ориентациона структура на наставната програма. Врз нејзина основа секоја општина и училиште може да гради своја детализирана наставна програма која е различна од училиште до училиште (таа зависи исклучиво од интересите на учениците). Дури во оваа фаза се групираат содржините на одредени предмети за да се објаснат различни општествени и природни феномени (теми), кои ги иницираат учениците.

-Новата концепција на МОН иако е привидно слична, наполно и суштински се разликува од онаа во Финска!!! Во предложената „Концепција“ на државно ниво се групираат содржините на точно определени предмети, во децидно фиксиран нов предмет. Со тоа директно се руши холистичкиот принцип, кој може единствено да се постигне доколку се почитуваат интересите на децата кои може да бидат многу различни од училиште до училиште. Овој пристап преку интегрирани курикулуми е многу сложен и комплексен. Наставата на одредени теми или феномени ја изведуваат истовремено два до три наставници. Од таа причина наставниците во финскиот образовен систем мора да имаат завршено најмалку магистерски студии. Во Финска обуката на наставниците трае со години (досега се обучени околу 70%). МОН тоа сака да го направи за една година!!!, наведуваат македонските социолози.

Во реакцијата се објаснува и тоа дека и покрај тоа што сите сериозни социолози на образование се воодушевуваат од образовниот систем во Финска, ниедна друга земја во Европа и светот не успеала во целост да го имплементира ваквиот модел на образование, од причина што тој е многу комплексен и бара многу време и ресурси. Исклучок е Шведска, која имплементирала само одредени делови од овој модел. Затоа и системот во Финска се нарекува „образовна утопија“.

-Иницијалните идеи во новата концепција се добри, но за нивно имплементирање е потребно многу повеќе време, многу повеќе ресурси (човечки и општествен капитал). Она што е клучно при правењето вакви сериозни реформи е дека е неопходно да се консултира македонската научна елита. За да се спроведе ваков вид на технологија и „идеологија“ на образованието, неопходна е консултација со експерти од сите области на науката (академијата), широка јавна расправа за принципите и целите што треба да се постигнат со ваков вид на образование и, конечно, кога ќе се постигне согласност околу содржината на реформите и методологијата за нивната операционализација да се остави подготвителен период од најмалку пет до десет години. Во спротивно се остава впечаток дека „Концептот“ не е во функција на реформа на македонското образование, туку станува средство за задоволување на разни политички и меркантилни интереси, се нагласува во соопштението.

Претходна вестМПЦ ќе прави струја – навистина ќе прави, но профитот исусовски да го користи
Следна вестСо измами при купопродажби тешки 80.000 евра одзеле шест автомобили