МПЦ ќе прави струја – навистина ќе прави, но профитот исусовски да го користи

Македонска православна црква ќе влезе и во бизнисот со производство на струја. На оваа вест многумина на почетокот не поверуваа, но по кратко време навираа сеќавањата од бизнис-зделката на МПЦ со нивната парцелата кај ГТЦ, па потоа и на други… Затоа наскоро ја снема дилемата – можно е црквата на дневен ред да има нов деловен потег. На крајот тоа и го потврдија од МПЦ.

– Точно е дека донесовме одлука за влез во заеднички проект за изградба на мала хидроцентрала на реката Треска. Според идејниот план, вредноста на целиот проект би бил околу 700.000-800.000 евра, но точната сума и кога и дали проектот ќе биде реализиран останува да видиме, затоа што засега сме само на идеја. Во овој бизнис влегуваме за да се осигураме како црква да имаме сигурни извори на опстојување, што е страшно тоа. Најнормална работа е да имате некоја гаранција во иднина, изјави владиката Тимотеј, синодски портпарол.

Да, не е ништо страшно. Но скопјани на социјалните мрежи почнаа да прашуваат:

-Ќе има ли од профитот за народни кујни, за завршување на почнатите цркви или за друго ќе се трошат парите?

– Не ви е ова прв бизнис, а малку давате и помагате на сиромашните верници…, се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Право гледано, не е спорно верските заедници да оставаруваат заработката од имотот што го имаат. Издавање на деловни простори под кирија, продажба на огревно дрво од шумите со кои располагаат… па се до продажба на свеќи, икони и обреди што ги прават, се е тоа „бизнис“ кој секојдневно го прави МПЦ но и другите верски заедници. Во услови кога се одвоени од државата заради нејзиниот секуларен карактер, кога сами треба да се грижат за своите приходи, логично е верските заедници да се грижат да обезбедат средства за сопствената егзистенција, за комунални сметки, плати на вработени… Кога веќе имаат имот во своја сопственост тогаш имотот треба и да се користи.

Но, мора поглаварот и митрополитите да мислат малку и на своја скромност, а и на потребите на верниците. Да не зборуваме колку цркви се оставени на забот на времето. Профитот треба исусовски да го користат.

Претходна вестВо Шуто Оризари ќе се отвори народна кујна за 200 семејства во социјален ризик
Следна вестИнститутот за социологија при Филозофски: „Реформирањето“ на нашето образование повеќе заличува на „невладина организација“ отколку на сериозна институција