Покана за утрешна јавна дебата околу оправданоста на давањето на ХЕЦ „Чебрен“ на 60-годишна концесија на странска фирма до бројни институции упати денеска Здружение на инженери на Македонија. Јавната дебата ќе се одржи утре со почеток во 12 часот во Салонот 19.19 на Културно-информативниот центар во Скопје, а е насловена како: „ЧЕБРЕН – МАКЕДОНСКИ РЕСУРС – НЕ Е ЗА РАЗДАВАЊЕ”.
Од страна на Здружението на инженери воведни излагања ќе имаат: Проф. д-р Константин Димитров, дипл. инж. (Машински факултет – Скопје); Проф. д-р Арсен Арсенов, дипл. инж. (Факултет за електротехника и информациски технологии – Скопје); Проф. д-р Атанаско Туневски, дипл. инж. (Машински факултет – Скопје) и Проф. д-р Дејан Трајковски, дипл. инж. (Технички факултет – Битола). Тие досега излегувaа во јавноста со аргументи со кои се спротивставуваат на издавањето на „Чебрен“ под концесија.
Во поканата е наведено дека таа е упатена до сите надлежни и компетентни субјекти: премиерот, министрите за економија, финансии, животна средина и просторно планирање, заменик премиерот за економски прашања, менаџментот на стопанската комора, управниот одбор на ЕСМ, членовите на одделението за технички науки на МАНУ, директорот на Агенцијата за енергетика, претседателот на регулаторната комисија за енергетика, јавниот правобранител, раководството на државниот завод за ревизија, деканите и студентите од сите технички факултети во државата.
Инаку, како што беше порано соопштено од власта се предвидува грчка компанија да инвестира една милијарда евра за изградба на ХЕЦ со 333 мегават часови. Ќе ја добие потоа на концесија дури 60 години, а плус на поклон ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“. Предвидено е да се формира заедничка компанија во која Македонија ќе има 33-процентна сопственост.
Во јавноста до сега се изнесени бројни аргументи и дилеми околу оправданоста на давањето на ХЕЦ „Чебрен“ под концесија. Тие се врзуваат за прашањето зошто Македонија мора да бара странски партнер и концесионер за ХЕЦ „Чебрен“, зошто Македонија сама не го изгради овој капитален објект за да биде во државна сопственост, зошто се дава на 60-годишна концесија, зошто на странците во сопственост и се дава ХЕЦ „Тиквеш“, зошто е избрана опцијата да се гради толку скапа висока брана од 192 метри…?
Во поканата на Зружението на инженери се наведува дека учесниците ќе дадат одговори на сите досегашни прашања на јавноста: Зошто досега не е изградена оваа хидроцентрала? Зошто Македонија треба да го стопанисува овој објект? Кои се загубите од давањето на хидроцентралата Тиквеш? Зошто проектот Чебрен е обединувачки македонски проект?…
-За очекување е дека аргументираната дискусија на оваа дебата ќе ѝ помогне на Владата да ја преиспита и да ја повлече вака донесената штетна одлука и да не пристапува кон склучување на Договор со било која странска или домашна компанија за доделување на концесија за користење водата на Црна река за производство на електрична енергија и управување со водите. Реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и е од стратегиско значење за енергетската независност на Македонија. Таа со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во поголем процент енергетски независна после 2028 година, кога поради „Зелената транзиција“ треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола, соопштува Здружението.
Ќе отиде ли некој министер сето ова да го слушне?