Во објектот на МАНУ задутре ќе се одржи промоција на Зборникот „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ во кој се содржани научни трудови од минатогодишната конференција по повод јубилејот од неговото раѓање. Околу тоа зборуваме со познатата македонска историчарка Катерина Тодороска, којашто беше претседател на одборот за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
За каков Зборник се работи и што тој донесува. Има ли во научните трудови некои нови сознанија за Делчев, досега непознати на јавноста?
– На 4 мај 2023 година Институтот за национална историја ќе го промовира Зборникот на дел од трудовите кои беа презентирани на минатогодишната научна конференција „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ одржана на 3 и 4 мај 2022 година. Во Зборникот се застапени трудови кои биле навремено доставени до Организациониот одбор, а кои биле позитивно оценети од Уредувачкиот одбор. Имаше и трудови кои беа презентирани на Конференцијата, но чии автори поради презафатеност не успеаја да ги достават навреме нивните трудови, а имаше и такви кои не го поминаа филтерот на рецензентите. Во секоја наука, па и во историската, постои правило за презентирање на најнови сознанија од страна на истражувачите на научните собири. Таквата пракса се продолжи и на минатогодишната Конференција. Така што, одговорот е да, во овој Зборник има мноштво од сознанија до сега непознати на јавноста.
Можат ли овие научни трудови за Делчев да помогнат во актуелните односи со Бугарија и различните гледања за историските настани и личности, посебно да помогнат во работата на македонско-бугарската Историската комисија?
– Чинам дека овие научни трудови можат да помогнат во актуелните односи со Бугарија со тоа што ќе покажат колку е беспредметна и штетна работата на мешовитата комисија за македонската историја и иднина.
При минатогодишната средба со Талат Џафери изјавивте дека тој понудил дека промоцијата на Зборникот ќе се одржи во салата во македонското Собрание. Но, промоцијата сега е закажана во МАНУ. Зошто е така, дали македонското Собрание помогна нешто околу Зборникот?
– Минатогодишната средба во македонското Собрание беше иницирана од наша страна. Имено, како Организациски одбор ценевме дека активностите во врска со одбележувањето на „150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев“ треба да започнат со посета на највисокиот дом во државата за која Гоце Делчев го положил својот живот. На таа средба одбија да дојдат голем број на учесници на Конференцијата, со образложение дека тоа не е Собрание на Република Македонија, туку на некоја држава со понижувачка додавка.
Сакајќи да ги избегнеме таквите, политички предизвикани поделби, меѓу македонските научни работници нашата одлука како Уредувачки одбор за место на промовирање на Зборникот падна на МАНУ како највисока научна институција.
Што се однесува до печатењето, според секретарот на Институтот за национална историја, него го плаќа Министерството за образование и наука, така што немаше потреба од интервенција во и на Собранието.
Доволно ли се чува во Македонија меморијата за Гоце Делчев? Колку ликот и делото на овој македонски револуционер се расветлени од нашата историографија?
– Меморијата за Гоце Делчев катадневно се живее бидејќи сред народот со децении се одбележуваат сите денови поврзани со неговото име и дело, бројни се институциите именувани според апостолот Гоце Делчев, а неговата присутност ја бележиме и во семејствата каде има членови кои носат име со варијациите на гоцевото. Доколку алудирате на денешната незаинтересираност на актуелната политичка „елита“ за гоцевата улога во македонската историја, врз основа на она што досега го покажаа при активностите за одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, слободна сум да кажам дека ним поважна им е партијата од државата.
Од друга страна, историографијата во државава долги години е ставена во состојба на хибернација поради исклучителната незаинтересираност за финансирање на научната работа од страна на Министерството за образование и наука. Што се однесува до ИНИ, цела деценија директорува лице на кое Институтот му претставува лична институција, а интересот за науката и научниците е сведен на, нему, подобни и неподобни вработени.
Македонската историографија е богата со бројни изданија посветени на ликот и делото на Гоце Делчев, но историјата е динамична наука зависна од истражувања. Така што, лично мислам дека по странските архиви има уште материјали кои можат да расветлат некои нерасветлени активности на Гоце Делчев. Од друга страна, трудовите во овој Зборник кои се однесуваат на различна перспектива во однос ликот и делото на Гоце Делчев говорат за него како неисцрпната инспирација.