Ништо ново и ништо не очекувано од една хибридна партиско политичка номенклатура која се плаши од историјата како ѓавол од крст. Чудно, но вистинито, политичко партиска номенклатура која има страв од историјата на сопствениот народ (а треба да биде и нивна) и гледа на секој можен начин во таа држава да создаде и хибридна историја, е оценката на историчарот и универзитетски професор Тодор Чепреганов за новопредложениот концепт за основното образование каде предметот – Историја – нема да постои.
Тој, врзано за денешната најава на министерката Мила Царовска дека предметот Историја ќе се претопи во предмет – Општествени науки, смета дека „експериментот во хибридната држава продолжува сега преку историјата“.
-Додека во соседството на историјата (Бугарија, Грција, Албанија, Србија и некои земји на ЕУ), а посебно на националната, и се посветува големо внимание партиско политичката номенклатура во Македонија, на патот кон иднината, на нашите деца ќе им воведува сексуално образование и истополови бракови, а историјата ќе е на пат да ја маргинализира. Демек ќе сме ги копирале Финска, Данска. А изгледа експериментот Кембриџ не ги задоволува потребите на македонското образование, па ајде сега да почнеме и со скандинавските земји. Македонското образование и скандинавското не можат да се споредат како бог и шеширџија, укажува Чепреганов.
Тој додава дека механичкото пренесување не значи и успех.
-Тие знаат кој се и што се. Работата е кај нас. Се настојува да се воспитуваат деца кои ќе немаат свој корен. Полека но сигурно нема да ја знаат историјата на своите претци, кои се, што се, од каде се. Без колективна меморија и историја, како што вели еден германски историчар, или сте болни или ќе се разболувате. Некој, кај нас, е во таа фаза. По се изгледа дека оваа партиско политичка номенклатура со брзина на светлината брза кон иднината, а притоа за неа на тој пат ќе ја пресконе историјата и колективната меморија и ќе работи на формирање на над нација каде, според тоа како сме тргнале, ќе може да бидете било што, само не Македоци кои зборуваат македонски јазик и имаат своја култура и обичаи. Хибридната држава раѓа само хибрид. Наместо да се копираат образовни системи од други држави, ајде да свртиме кон сопствените кадри во образованието кои и те како можат да направат програми многу подобри од оние кои ги копираме, нагласува за „Скопско ехо“ Чепреганов.