Историски најниско рангирање за минатата година има Македонија според индексот на корупција на Транспаренси Интернешенл, соопштија денеска од македонското претставништво на Транспаренси Интеренешнл. Нашата земја е рангирана на 111 место од вкупно 180 земји, што е пад пад од 5 места во однос на 2019 година. Со тоа Македонија се наоѓа во друштво на БиХ, Панама и Монголија и е на дното во регионот според перцепцијата за корупција.
-Ова е историски најлош резултат на индексот, до сега бевме најдолу на 107 и сега сме уште подолу, ова е прв пат откако Македонија се рангира, да имаме толку лошо рангирање, индексните поени 35 се исти како и лани. Апсолутно не бележиме никаков напредок, а многу е важно да се знае дека методологијата е заснована на истражувања не постари од две години, изјави денеска Слаѓана Тасева, од Транспаренси Интернешнл.
Индексот во изминативе пет години се движел од 37 до 35 со што и рангирањето било од 90 место до денешното 111 место. Тоа значи дека земјава не покажува никаков или слаб напредок во борбата против корупцијата.
-Истражувањата кои се земени во предвид за македонскиот резултат покажуваат сериозен пад на клучниот индекс на владеење на право и правда. Тоа укажува директно на тоа дека ние не се справивме соодветно со корупцијата во судството и не се спроведе таа ветувана реформа во правосудството и другиот индекс каде што бележиме пад е Фридом хаус, значи човекови права и слободи, клучните работи кои што требаше да се земат први во реформите. Таму бележиме пад и како резултат на тоа, ние бележиме пад на индексот, тука е директната врска, рече Тасева.
Во регионот пред Македонија се Хрватска на 63-то место, Црна Гора на 67-то, Бугарија на 69-то, Србија на 94-то и Косово на 104-то место. На врвот, првото место го делат Данска и Нов Зеланд со 88 бодови. Следуваат Финска, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Норвешка Холандија и Германија. Индексот рангира 180 земји и територии според нивните перцепирани нивоа на корупција во јавниот сектор, врз основа на 13 експертски проценки и истражувања на деловни директори.