Новогодишно украсување на Скопје и три скопски оштини чинело 298.000 евра

Вкупниот износ на договорите за украсување на главниот град од Градот Скопје и три негови општини изнесува 298 илјади евра, што е 75 проценти од сите пари потрошени за новогодишно украсување во Македонија, соопшти денеска Центар за граѓански комуникации. Истражувањето на оваа организација покажало дека за украсување на град Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е за 40  проценти помалку од лани.

-За разлика од дочекот на изминатата 2020 година, кога тендери за украсување имале град Скопје и седум скопски општини, за дочекот на 2021 година тендери имале градот Скопје и уште три други скопски општини: Карпош, Гази Баба, Аеродром, но и Градскиот трговски центар, се наведува во анализата.

Освен Градот Скопје чиј што договор за новогодишно украсување и годинава е најголем и изнесува 243.886 евра, според висината на вредноста на договорите следат скопски Аеродром, Радовиш, Охрид и Гази Баба.

И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување за новата година добиле две скопски фирми – Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел. Линк Медиа Плус има склучено три договори, со Градот Скопје, Градскиот трговски центар и Општина Аеродром во вредност од 284 илјади евра, додека Метал-Вет-Ел има склучено 5 договори во вкупна вредност од 75 илјади евра.

Од украсување на улиците за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната 2020-та година. 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за украсување за новата 2021 година. Сите општини кои имале тендери за украсување и во претходната година, за дочекот на 2021 година потрошиле помалку пари отколку лани, освен Општина Битола која за дочекот на годинава ги зголемила овие трошоци за 26 отсто, се наведува во анализата.

Претходна вестИсториски најлошо рангирање на Македонија според индексот на корупцијата
Следна вест23-годишна девојка се коцкала во скопско казино со фалсификувани евра