Фудбалската репрезентација на Македонија по добро ќе ја памети оваа чудна 2020 година, бидејќи преку финалето на Лигата на нациите и победата во Грузија (0-1) за првпат се пласира на едно Европско првенство.
Натпреварот кој ќе биде засекогаш запишан во аналите на македонскиот фудбал беше посебен, доби завршница каква што посакувавме, а коментаторот на Македонската радио телевизија, Тони Стојановски се погрижи и фановите крај малите екрани да ја почуствуваат „магијата“ од Тбилиси.
Тој со емотивен говор-коментар го поздрави пласманот на Европското првенство, што беше со одушевување прифатено од публиката. Сега, Стојановски доби неверојатна чест и неговите зборови се испишани на ѕид во просториите на Фудбалската федерација на Македонија. Првиот човек на ФФМ, Мухамед Сејдини го пречека новинарот од Македонската телевизија и му ја покажа плакетата со неговите зборови која ќе ги краси ѕидовите на федерацијата.
Фото: ФФМ