Големите бранови на илегални мигранти ја натераа Италија да се подготвува за градење центри во Албанија за да ги прими луѓето кои пристигнуваат во Италија по море. Оваа активност ја најави премиерката Џорџија Мелони при претставувањето на новиот план за намалување на бројот на мигранти во Италија, кој е речиси двојно зголемен во изминатата година.
Мелони рече дека албанските центри првично ќе бидат домаќини на околу 3.000 луѓе кога ќе бидат отворени пролетта 2024 година. Таа додаде дека италијанската влада се надева дека ќе го зголеми нивниот капацитет за обработка на барањата на 36.000 мигранти годишно во тоа време.
Повеќе од 145 илјади мигранти пристигнале во Италија по морски пат во 2023 година, што е голем пораст во однос на 88 илјади во истиот период лани.
Владата на премиерот Мелони веќе ги заостри затворските казни за шверцерите на луѓе и одлучи да го зголеми бројот на прифатни центри низ целата земја за мигранти пред нивната можна репатријација.
Десничарската партија на Мелони, долго време бара такви објекти да се формираат надвор од Европската унија, предлагајќи, на пример, Северна Африка, но ниту една земја од тој регион не се согласила на тоа.
-Сметам дека ова е навистина европски договор и сакам да кажам дека покажува како е можно да се работи заедно за управување со миграциските текови, рече Мелони во Рим покрај нејзиниот албански колега Еди Рама.
Извор од канцеларијата на Мелони рече дека пактот ќе важи само за мигрантите спасени на море од италијанската крајбрежна стража или морнарица, а не хуманитарни организации. Истиот извор негираше дека Италија ќе и плати на Албанија за прифатните центри.