Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување, оцени денеска поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов како реакција на вчерашното скандалозно интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција „Бгнес“.
Во неговата објава на Фејсбук тој предупреди дека кога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока.
–Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа, на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите, нагласи Иванов.
Тој потенцира дека антифашистичкиот карактер на македонската борба во Втората светска војна и придонесот за ослободувањето од нацизмот и фашизмот во Европа никогаш не биле спорни.
–Никој нема право, слобода и повиканост да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Вчера македонскиот народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен “искусен политичар” вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаа предавничката улога на Заев и неговата клика, нагласи Иванов.
Тој додаде дека македонскиот народ поучен од историјата веќе се обединува и почнува да го пишува новиот Македонски Манифест.
–И после сето ова што им го направи на Македонија и Македонците, Македонскиот народ не се плаши. Македонскиот Народ го чува, го негува и промовира вековниот идеал на непокорот, потенцира поранешниот шеф на државата.