Вечерва два протеста пред владата, еден на ВМРО-ДПМНЕ и друг на „Левица“ и „Бојкотирам“

Повик до граѓаните за учество на два протеста за одбрана на Македонија упатија денеска ВМРО-ДПМНЕ, но и Левица и Бојкотирам по скандалозното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција „Бгнес“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги вовика граѓаните на протест кој ќе започне во 18 часот од СЦ „Борис Трајковски“ до Влада. Протестот, поради запазување на здравјето поради корона кризата, ќе биде со автомобили.

-Протест сега, за да не биде предоцна! Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против „администрација” како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави „терористи” и „престапници”, а не ослободители. Не! Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи. Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување. Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна. Повикувам на натпартиски предупредувачки протест за одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на нашиот идентитет, порача Мицкоски.

Повик до граѓаните за протест кој ќе започне во 18.30 часот пред зградата на Владата денеска на Фејсбук сподели пратеникот и лидер на партијата „Левица“ Димитар Апасиев. Во споделената објава се наведува дека домаќин е „Бојкотирам“ и дека е посветен на одбрана на АСНОМ-ските врендости и на македонската антифашистичка борба.

Во одбрана на АСНОМ-ските вредности и антифашистичката борба врз кои се поставени темелите на современата македонска држава. Македонскиот народ бил на правилната страна на историјата, давајќи бројни жртви во борбата против бугарскиот окупатор и затоа не дозволуваме да бидеме уценувани, понижувани и негирани од оние кои треба да се извинат за своите злосторства! Ниту една привремена Влада поставена од надворешни групи на интерес нема право да преговара и договара за децениската жртва и придобивките тешко издвојувани. Бараме оставка од квислиншата влада и прекин на преговорите кои се водат единствено на штета на Република Македонија. За достоинството на народот не се преговара!

Се гледаме во 18:30 пред Влада со маски, стои во постот за протестот.

Фото: Архива

Претходна вестБранко Црвенковски до СДСМ: Да се свика ЦО на партијата за оградување од ставовите на Заев, до тогаш го замрзнувам членството во партијата  
Следна вестИванов: Македонскиот народ го виде правото лице на Заев, сведоци сме на национално предавство