Може ли да се спречи катастрофата што му се подготвува на Скопје со градењето на станбено деловни облакодери високи над 80 метри, на местото на паркингот спроти Холидеј ин и ГТЦ? Претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, во своето последно интервју синоќа жестоко го искритикува Уставниот суд кој експресно пресече во корист на градењето.
-Пред две години кога Уставниот суд ја прифати иницијативата за укинување на мораториумот, тогаш ние отворивме предмет и испративме барање до Уставен суд да ни кажат зошто таа иницијатива добила приоритет. Ни одговорија дека тоа било нивно право преку ред да одлучуваат за иницијативите. Ние сега си го поврзуваме случајот, тука постои многу висок ризик од корупција. Со укинувањето, практично го врати стариот урбанистички план од 2012 во употреба, а во него се дефинирани огромни згради. Од друга страна експресно се продаде земјиштето спроти Холидеј ин, и тоа на неверојатен начин односно земјиште кое се уште е предмет на денационализација се продаде, оти законот вели 30 проценти ако имате ваше значи 70 отсто може да го окрупните. Ова е врв на законска корупција и на тоа капак одлуката на Уставниот суд, нагласува Ивановска.
Според неа сега е решение граѓански притисок за референдумско изјаснување па да видиме дали луѓето ќе аминуваат изградба на облакодери. Ивановска смета дека е можна суспензија на катастрофалниот ДУП.
-Каде е граѓанскиот притисок баш сега? Неопходен е оти има можност под притисок да се суспендира деталниот кој не е во согласно со генералниот урбанистички план. Зошто до сега не е направено суспендирањето?! Овој план, С08, кај Холидеј ин, 8,8 пати го надминува генералниот урбанистички план. Во Скопје: котлина, трусно подрачје со земјотреси… па не треба да сме архитекти за да знаеме дека не треба тоа да се прави. Ја поддржувам идејата дека граѓанитре треба на референдум да се изјазнат. Мислам дека тоа е решение во случајот бидејќи системот не функционира, нагласува таа.
Ако сепак граѓаните не успеат, неофицијално, предвидено е проектот да се реализира во три фази. Во првата фаза предвидена е изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза се предвидува изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза се предвидува изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.