Од утре во аптеките во земјава ќе може да се набави лекот „Ивермектин“ за кој се тврди дека спречува и лекува инфекција од корона вирусот. Ова за јавност денеска го потврдија од Агенцијата за лекови каде соопштија дека последните фази од постапката, вклучувајќи го и одобрението за упатството за употреба, целосно се завршени.
Според најавите, лекот ќе може да се издава со лекарски рецепт, а едно пакување од 10 таблети ќе чини околу 300 денари. До сега, македонските граѓани овој лек го набавувале од странство преку приватни канали.
Станува збор за препарат кој во сите студии покажал извонредни резултати, особено ако се дава во првите денови од болеста, но под строг надзор од лекар. Студиите покажале дека оние кои го користат и се позитивни за кратко време добиваат негативен тест, се скратува престојот во болница, се намалува и стапката на смртност. Лекот „Ивермектин“ е антипаразитен препарат кој досега во земјава не беше регистриран, освен за користење кај животни.
-Битно е давањето на лекот да биде под контрола на лекар. Кај трите групи на граѓани односно на пациенти – ризични групи на работници кои имаат висок ризик да заболат, луѓе кои биле во контакт со потврден заболен контакт и, нормално, кај луѓе кои што се заболени – има различна индикација и различно дозирање, изјави деновиве министерот за здравство Венко Филипче.