УХМР смирува: Водостојот на Вардар во Скопје ќе се намалува, сите водостои и понатака релативно високи

Во Скопје во текот на ноќта, водостојот на Вардар ќе почне да се намалува, соопшти синоќа Управата за хидрометеоролошки работи. Соопштението дојде по синоќешното мало излевање на реката во скопската наслеба Аеродром од коритото кај зградата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Поплавен беше мал дел од пешачката патека веднаш до коритото на Вардар а што предизвика загриженост кај граѓаните.

-Во однос на податоците од 13:00 часот, измерените податоци од 16 часот покажуваат дека Вардар е за 2 цм намален кај Јегуновце, а во Скопје бележи пораст од 15 цм. Во Велес, порастот изнесува 20 цм, а на Црна Река кај Новаци 28 цм. Во текот на ноќта се очекува намалување на врнежите, а со тоа и притисокот на врнежите врз истекувањата ќе се намали. Водениот бран ќе се префрли во долните делови од сливовите, соопшти УХМР.

Се наведува дека од последните информации добиени од хидролошките набљудувачи, насекаде има високи водостои, надпросечни за овој дел од годината, со опасност од локални излевања.

-Во горните текови (горните делови од сливовите) притисокот на водениот бран попушта и врвот на бранот се спушта низводно по течението на поголемите реки, соопшти УХМР.

Според УХМР, во текот на ноќта, водостојот во Велес рано наутро ќе го достигне својот максимум. Очекуваат сите водостои кај водотеците и понатака да бидат релативно високи, а како најкритични ги посочуваат реките Вардар горен и среден тек, Треска, Лепенец, Пчиња, Крива, Црна, Радика и Сатеска.

Во рамниците има појава на заезерување на одредени површини, а има и локални излевања кај повеќето водотеци низ државата, па поради тоа и понатака од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците суводолиците и во клисурите, поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони.

Претходна вестПослаби врнежи од дожд, од утре заладување
Следна вестКазнети 178 возачи во Скопје