РСБСП: Се влошуваат условите на патиштата, возете побавно!

Учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при ниски температури и појавите на дожд, магла, снег, одрони…, се наведува во денешниот апел на Републички совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата.

Појавите на дожд, магла и снег се очекува да се интензивираат во наредниот период а тие влијаат на безбедното одвивање на патниот сообраќај. Возачите треба да имаат зимска опрема бидејќи без неа ја загрозуваат сопствената безбедност, но и безбедноста на сите други учесници во сообраќајот, се наведува во апелот.

РСБСП на возачите им препорачува да возат со намалена брзина бидејќи во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавата на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози, е очекувана.

Држете безбедно растојание. Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Бидете предвидливи, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија, како нагло свртување, нагло запирање, забавување или забрзување на возилото. Возете внимателно во услови на магла. Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте се до моментот кога вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно, се наведува во препораките на РСБСП.

Се апелира и на внимавање на одрони на патот, наноси на земја, песок…кои во овој период од годината е карактеристична појава што може да биде многу опасна за сообраќајот.

Затоа возете внимателно и намалете ја брзината, особено ако возите во услови на дожд, во планински предели или во други непознати области каде што не ги знаете доволно карактеристиките на патот и патната околина, апелира РСБСП.

Претходна вестУбаво што ДОМ јавно алармира за Охрид до Владата, но нели е нејзин составен дел?
Следна вестКумановец украл паричник сo 15.000 денари и две платежни картички