Во првите четири месеци од оваа година шестмина работници го загубиле животот при извршување на своите работни обврски. Минатата година таа бројка изнесувала 31, а во периодот од 2022 до 2024 година, за три години, загинале вкупно 54 работници. На денешниот Светски ден за безбедност и здравје при работа повторно се отвора прашањето – колку се навистина безбедни работниците во Македонија?
Одговорот, за жал, го даваат трагедиите што се повторуваат. Во петокот, на градилиште во Кисела Вода загина работник, а тројца беа повредени. Еден месец претходно, исто така во Кисела Вода, педесет и деветгодишен работник од кривопаланечко трагично го загуби животот откако падна од скеле додека извршувал работни задачи на градилиште. А неодамна, во индустриска зона во Петровец, животот го загуби и млад работник од Велес. Најголем дел од ваквите несреќи се случуваат токму во градежништвото, но и во индустријата и производствените погони, каде ризиците се најголеми.
Ова јасно покажува дека проблемот не е изолиран, туку системски. И покрај најавите за проекти, стратегии и унапредување на условите, реалноста на терен останува загрижувачка. Прашањето е дали инспекциите се доволно ефикасни, дали се почитуваат прописите и дали профитот на газдите се става пред човечкиот живот.
Без вистинска контрола и одговорност, секој ден постои опасност да се случи нова трагедија. А тоа значи дека кај нас безбедноста на работното место сè уште не е правило – туку прашање на среќа.


