Издржа одвај четири години: Памп трак полигон остана без трева и ограда, ќе остане ли и без асфалт?

Се прават, во нив се трошат пари собрани од граѓаните, а потоа се оставаат да се распаѓаат. Ваква е судбината на многу од објектите правени во Скопје од градските управи кои ја воделе метрополата во различни мандатни периоди. Новите градоначалници тргнуваат да ги реализираат своите изборни програми, ќе успеат нешто да направат, но потоа се случува сосема спротивното. Наместо долгу години да им служат на граѓаните, таквите објекти се оставаат сами на себе си, на негрижата и на вандализмот на несовесните граѓани и за кусо време пропаѓаат. Примери има многу – тревници, детски игралишта, паркчиња, видиковци, клупи, улици…

А таков е случајот и со адреналинската патека за велосипедистите и скејтерите во централното градско подрачје кај Олимпискиот базен „Центар“. По четири години откако е направен овој Памп трак полигон наменет првенствено за младите во градот тој веќе пропаѓа. Оградата во најголем дел е искршена, теренот е полн со несобрани отпадоци, тревата е речиси целосно исушена, а веќе се гледа дека оштетувањата го зафаќаат и асфалтот… Прашање на блиско време е кога полигонот направен во времето кога на чело на градот беше Петре Шилегов ќе стане сосема неупотреблив со оглед на негрижата кон него.

Зошто е вака, треба да одговоран надлежните. За жал, не е само овој објект на кој му се случува пропаѓање. Таков е случај и со спомениците во централното градско подрачје, со корпите и контејнерите за отпадоците… Тоа само го поставува прашањето: вреди ли воопшто нешто да се прави по градот ако подоцна не се заштитува и одржува?

Претходна вестДевојка прободена со нож пронајдена на улица во Аеродром
Следна вестСтанови, апартмани и градежно земјиште на Груевски одат на продажба