Изгаснат пожарот кај поранешниот дом „Ранка Милановиќ“, ќе се најде ли решение за напуштениот објект?

Изгаснат е пожарот кој синоќа избувна кај поранешниот дом за згрижување на деца и младинци „Ранка Милановиќ“ при што е спасено едно загрозено лице. За ова синоќа информира градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски кој ѝ се заблагодари на противпожарната бригада на Град Скопје за брзата интервенција во објектот.

-Пожарот кај поранешниот дом „Ранка Милановиќ“ е целосно изгаснат. Пожарникарот Иво Цветковски кој е прогласен за пожарникар на годината во Гази Баба, вечерва во пожарот спасил човечки живот. Тој и самиот завршл со полесна повреда за време на интервенцијата. Им благодарам на командантот и целата единица на противпожарната бригада на Град Скопје која вечерва е на смена за брзата и енергична реакција, напиша Стефковски во објавата на социјална мрежа Фејсбук.

Тој апелира и до институциите да се преземат мерки за обезбедување на објектот кој е бесправно населен со цел во иднина да се спречат вакви и слични проблеми од кои можат да настанат сериозни последици.

-Во изминатиот период повеќепати сум упатил барање до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Домот за згрижување деца „25 Мај” во чија надлежност е напуштениот објект за обезбедување на истиот, но до денес, нема никаква реакција, предупреди градоначалникот.

Синоќешниот пожар, очигледно, потсети дека проблемот со објектот кој одамна е напуштен треба да се реши. Надлежните институции треба да преземат нешто бидејќи, во спротивно, опасноста од нови инциденти ќе биде постојана.

Претходна вестЛани имало повеќе свадби, но и разводи
Следна вестЛука најчесто име кај новороденчињата, чести биле и Јана и Софија