Во 17 часот денеска во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија се отвора изложбата „Метакосмија“, составена од слики на македонските уметници Ангелина Спировска и Владо Муковски. Станува збор за изложба на дела создадени од техника акрил и смола.
За љубителите на ликовната уметност во Софија, изложбата ќе биде отворена до 25 јуни 2021 година.
А кои се двајцата уметници?
Ангелина Спировска е уметник со академско образование и конзерватор на фрески. Таа има дипломирано сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2014 година. Во 2012 година, образованието го надградува на Институтот за уметност во Сиена како стипендист на американската фондација Пол Гети. Во 2015 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Жанета Вангели. Учествувала на многу групни изложби во Македонија и во странство.
Владо Муковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на одделот за сликарство во класата на професорот Родољуб Анастасов, каде исто така се стекнал со магистратура. Добитник е на наградата „Борко Лазески“. Специјализирал во Институтот Палацо Спинели во Фиренца, во областа на конзервација и реставрација на фрески и нејзината методологија. Работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје, како советник конзерватор за фрески и раководител на секторот за непосредни конзервации.