На 3 ноември Национална галерија ќе ја одбележи 150 годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Зографски. Ќе бидат поставени педесеттина негови дела, создадени во различни фази од неговиот уметнички развој и опус, во Чифте амам. Отворањето е во 19 часот.
Изложените творби се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св.Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино – Велес, семејството Зографски како и голем дел приватни сопственици.
Ѓорѓи Зографски е последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за прв пат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт, поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.
Изложбата ќе трае до 26 ноември.