Израелските власти водеа тајни преговори со африканската држава Конго и неколку други земји за потенцијално прифаќање бегалци од Појасот Газа, објавија денеска израелските медиуми. Конго е подготвен да прифати бегалци, но ние сме во преговори и со други, потврдил висок функционер на израелската служба за безбедност, а пренесува „Тајмс оф Израел“.
Министерот за разузнавање Гил Гамлиел, вчера во Кнесетот изјави дека на крајот на војната, владата на Хамас ќе пропадне, нема да има локални власти, а цивилното население ќе биде целосно зависно од хуманитарна помош. Велејќи дека омразата (на Израел) ќе продолжи во Газа и дека новите напади врз Израел се само прашање на време, тој додаде дека проблемот со Газа не е само израелски проблем.
-Светот треба да ја поддржи хуманитарната емиграција, бидејќи тоа е единственото решение што го гледам, рече Гамлијел.
Официјален Вашингтон вчера ги осуди екстремно десничарските израелски министри Безалел Смотрич и Итамар Бен Гвир за залагањето за преселување на Палестинците од Газа.