Почнува отстранувањето на галијата лоцирана во Вардар во близина на хотелот „Холидеј ин“. Од бродот веќе почнаа да се изнесува ресторански ентериер и други работи.
-Ја сардисаја галијата, ќе ја тргнат од тука. И онака не функционираше, а едрата и беа искинати и делуваше запуштено, ни прокоментира скопјанец кој поминуваше по раскопаниот кеј – кој се реновира веќе неколку недели време.
Кога ќе настапат градежни екипи за да го демонтираат целиот објект кој претходните градски власти и разни планери го замислиле да биде украс на Скопје, се уште не е познато.
Ова отстранување на галијата сегашната градска власт го најавува подолго време. До уривањето доаѓа откако се исполнија сите законски услови за тоа. Прво беше раскинат договорот со сопственикот на бродот кој повеќе месеци не плаќал кирија, а потоа дојде и решението за уривање. Рокот на користење кој го имаше закупецот беше 10 години од почнување со работа, а месечната кирија изнесуваше 64.999 денари.
Отстранување на овој објект, но и на галијата кај МЕПСО, градските власти го најавија во јули минатата година. Тогаш Градот го раскина договорот со сопственикот на галијата кај хотелот „Холидеј Ин“.
Во рамките на проектот „Скопје 2014“ се направени вкупно три галии, а во првичниот план без вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар.
Не е прецизирано во јавноста колку чинеше една галија.