Не може претседателот да се држи само до овие што ги има уставни надлежности, а да не го интересира тоа како живеат земјоделците, како живеат нашите граѓани, рече вчера претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во Неготино.
Тој додаде дека не може претседател на државата да нема воопшто никаква реакција кога ќе се затвори некој пазар како резултат на виша сила, а војната во Украина е виша сила.
-Денеска сме гости на македонското виногорје, ова е земјоделски дел, во Неготино, во Тиквешијата. Морам да кажам дека мојата заложба ќе оди во насока на отворање на нови пазари, имајќи предвид дека со војната во Украина македонските земјоделци го загубија белорускиот и рускиот пазар, но очигледно дека ниту Владата, ниту претседателот на државата се интересираат каде можат да се пласираат земјоделските производи. Буквално целата опрема воена што ја имавме и хеликоптерите и „Сухоите“ и ракетните фрлачи и така натаму, сѐ што можевме да дадеме, дадовме, меѓутоа со сета таа воена опрема што им ја дадовме, воопшто не се потрудивме да одат и дел од земјоделските производи. За изгубените пазари и воведените санкции македонските земјоделци не добиваат никакви компензации, значи тука тоа прашање мора да го отвори претседателот на државата, нагласи Јакимовски.
Тој нагласи дека во него земјоделците ќе имаат сигурен поддржувач.
-Со мене кога ќе одам на службени патувања постојано ќе треба да оди и министерот за економија, да се отвораат нови пазари, нови можности за македонското земјоделие, особено за конзервната индустрија што се развива во овој дел од регионот. Значи овде Тиквешијата и оној дел кон Гевгелија, рече Јакимовски.