Кривична пријави поради тоа што се најде на црната листа САД поднесе Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на Општина Карпош, лидер на ГРОМ и претседателски кандидат на партијата. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против непознат сторител.
Јакимовски денеска изјави дека нема да попушти пред неправдата којашто му се прави.
– Не можам да прифатам да бидам на иста листа на која бил Осама Бин Ладен, на кои што се претставници на ИСИС, на која што е Рамзан Кадиров, да бидеме јас и моите деца на истата таа листа. Јас сум човек со достоинство, со чест. Достоинството на еден човек чини онолку колку што е подготвен да го плати. Јас сум спремен да платам и најцисока цена, но нема да попуштам пред неправдата и пред сите оние што се организирале за да направат нечесна игра и грубо мешање во изборот на претседател во Република Македонија и ќе истраат максимално. Поднесов кривична пријава против Н.Н. сторител до ЈО оддел за организиран криминал и корупција, рече Јакимовски.
Тој додаде дека побарал и средба во Обвинителството за да им ги соопшти одредени сознанија кои ги има.
На прашањето дека против него веќе постои обвинение и судење кое поради измените на Кривичниот законик се враќа на повторно судење, Јакимовски вели има обвинение, но и има и сведок, кој, како што вели, е подготвен да сведочи за подготовката за неговото апсење, за договорите кои биле вршени на највисоко ниво во државата.
Прашан да посочи кој е Н.Н. сторителот, Јакимовски не сакаше да открие детали, бидејќи, како што вели имало различни неколку групи и рече дека не може да обвини ниедна политичка партија.