Јакимовски поднесе кривична пријава откако се најде на црна листа: Не можам да прифатам да бидам на иста листа на која бил Осама Бин Ладен

Кривична пријави поради тоа што се најде на црната листа САД поднесе Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на Општина Карпош, лидер на ГРОМ и претседателски кандидат на партијата. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против непознат сторител.

Јакимовски денеска изјави дека нема да попушти пред неправдата којашто му се прави.

– Не можам да прифатам да бидам на иста листа на која бил Осама Бин Ладен, на кои што се претставници на ИСИС, на која што е Рамзан Кадиров, да бидеме јас и моите деца на истата таа листа. Јас сум човек со достоинство, со чест. Достоинството на еден човек чини онолку колку што е подготвен да го плати. Јас сум спремен да платам и најцисока цена, но нема да попуштам пред неправдата и пред сите оние што се организирале за да направат нечесна игра и грубо мешање во изборот на претседател во Република Македонија и ќе истраат максимално. Поднесов кривична пријава против Н.Н. сторител до ЈО оддел за организиран криминал и корупција, рече Јакимовски.

Тој додаде дека побарал и средба во Обвинителството за да им ги соопшти одредени сознанија кои ги има.

На прашањето дека против него веќе постои обвинение и судење кое поради измените на Кривичниот законик се враќа на повторно судење, Јакимовски вели има обвинение, но и има и сведок, кој, како што вели, е подготвен да сведочи за подготовката за неговото апсење, за договорите кои биле вршени на највисоко ниво во државата.

Прашан да посочи кој е Н.Н. сторителот, Јакимовски не сакаше да открие детали, бидејќи, како што вели имало различни неколку групи и рече дека не може да обвини ниедна политичка партија.

Претходна вест„Левица“ ги објави носителите на листите за пратеници: Апасиев, Мециновиќ, Крмов, Јанчев, Мојсоска и Димески
Следна вестДва месеца ќе се истражува евентуалната злоупотреба на социјална помош и пензија: рачно ќе се проверува секое барање