Полицаецот Андреа Ѓорѓиески во службената белешка, внел невистинити информации и врз база на тие информации куќниот притвор на Јане Ченто бил заменет со ефективен притвор, односно бил однесен во Шутка. Поточно Ѓорѓиевски во март 2018 година во службена белешка венел дека притвореникот Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор, која му беше одредена поради предметот „27 април“ и во моментот на проверката не бил дома.
– На 30.03.2018 година, обвнетиот Андреа Ѓорѓиески како службено лице – униформиран полициски службеник во ПС Прилеп, во службената исправа внел невистинити податоци и таквата исправа ја употребил во службата како да е вистинита, со што му нанел штета на оштетениот Јане Ченто, на начин што истиот ден околу 11 часот, обвинетиот согласно дневниот распоред за работа и по насока на дежурниот полициски сменоводител со патничко возило се упатил кон куќата во која живеел оштетениот Јане Ченто во Прилеп, со насоки да достави решение за продолжување на мерката куќен притвор и да изврши проверка, се вели во пресудата.
Пред критичниот ден, кога Ченто од куќен притвор повторно беше вратен во Шутка, имало неколку кратки полициски проверки. Меѓутоа, во ниту една од нив немало директна комуникација со притвореникот за службеникот да заклучи дека тој не бил дома. Ниту заѕвонил, ниту викнал. Но затоа веднаш бил известен надредениот старешина, како и одговорниот судија дека лицето не било дома.
Судот му изрече условна пресуда на полицискиот службеник Ѓорѓиески- казна затвор од една година и шест месеци, која нема да се изврши доколку обвинетиот не стори кривично дело во текот на три години по правосилноста на пресудата.
Пресудата за телевизија Алфа ја коментираше и таткото на Јане, Коле Спиркоски.
– Иако задоцнета, оваа пресуда е само уште еден доказ дека случајот „27-ми април“ е монтиран без фер судење“. Она што го кажував јас пред 5,5 години дека мојот син го приведоа повторно во Шутка, незаконски, без никаков доказ, а службеното лице од МВР што дојде тука го пријави како отсутен, дека не е дома, дека бил излезен во тој момент. И наредниот ден тие дојдоа повторно, го зедоа и го вратија во Шутка, така што оваа пресуда за нас е надеж дека понатаму ќе излезе вистината во целост, кажа Коле Спиркоски, татко на Јане Ченто.
Јане Ченто првично беше осуден на 15 години затвор, па казната му е намалена на 13. Тој веќе 6,5 години е во затвор за настаните од „27-ми април“.