Јован Митрески е нов претседател на Собранието, прифатени оставките на Џафери и Ковачевски

Со 64 гласови ЗА и 40 против од опозицијата, пратеникот Јован Митрески е избран за претседател на Собранието на Македонија, кој на таа функција според меѓупартискиот договор, треба да остане до крајот на мандатот на овој парламентарен состав. Претходно, пратениците ја констатираа оставката на Талат Џафери од претседателската функција, а кој се очекува да стане претседател на техничката Влада. Констатирана е и оставката на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски од премиерската функција.

Премиерот Ковачевски и претседателот на Собранието не ги образложија оставките.

За предлогот Јован Митрески да биде претседател на Собранието збор побара само лидерот на Левица, Димитар Апасиев кој рече дека за првпат од партијата добива налог да прочита нешто, порака како што рече, напишана од граѓани стружани, од градот на Митрески.

-Друже Јовче, златна рипка да фатеше во езероно, немаше да ти текне дека че станиш претседател на Собранието, рече меѓу другото Апасиев на струшки дијалект.

По гласањето за нов претседател на Собранието, Јован Митрески даде и потиша свечена изјава дека одговорно ќе го води парламентот и со тоа стапи на функцијата.

Потоа, од претседателското место упати благодарност до Талат Џафери за досегашното, како што рече, успешно раководење со законодавниот дом, до сите пратеници и пратенички групи, како и до службите.

Седницата под раководство на Митрески продолжи со обраќање на министерката за култура која побара пратениците да го изгласаат предлог- законот за употреба на македонски јазик со кој, меѓу другото, се наложува сите институции да вработат лектор и да се лекторираат сите документи и соопштенија.

Законот беше донесен со 97 гласови ЗА и ниту еден против.

Ковачевски и Џафери, кој ќе биде мандатар за состеав на техничката влада, оставките ги поднесоа вчера како вовед на изборот на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори на 8 мај.

Претходна вестФункционер од Алијансата за Албанците уапсен во вчерашната акција во Грчец
Следна вестМицкоски: Џабе се трудат Зечевиќ, Маричиќ, Груби, Османи…, ние нудиме професионалци кои имаат обврска да обезбедат кредибилни избори