ЈСП „Скопје“ не доби субвенции од Град Скопје од 2 милиони евра

Мнозинство советници во Советот на Град Скопје денеска одбија на ЈСП „Скопје“ да му се одобрат субвениции од околу два милиони евра за трошоци што ги има најголемиот градски превозник.

Претходно, директорот на ЈСП, Крсте Петревски, пред советниците образложи кои трошоци ги има ЈСП, па рече дека најмногу пари одат на нафта – 480 милиони денари до крај на годината, за антифриз, масло, мазива – 16 милиони, за електрична енергија 20-22 милиони денари, парно – 130.000 денари, метан – 110 милиони денари, за мобилни и интернет речиси 2 милиони денари, трошоци за резервни делови, ХТЗ опрема, алат, автогуми, повремени услуги агенција за вработување – 71 милиони.

-Дополнително, ЈСП годишно плаќа 110 милиони за новите автобуси МАН, како и два други кредита од британскиот и јапонскиот клуб. Доколку не ги одобрите овие субвенции на ЈСП ќе дојде до застој, а ќе нема пари ни за исплата на плати, рече директорот.

Малиша Станковиќ, советник од СПМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека советниците немаат никаква информација од ова претпријатие.

-Како планирате година дена да немате никаква комуникација со советниците, да немаат советниците никаква информација што се случува, извештаи не добиваат, и одеднаш доаѓате со писмо, ајде сега гласајте 110 милиони. Да дадеме пари на претпријатие кое не држи во мрак година дена? Срамота е да се помисли дека сега некој со здрав разум ќе крене рака да гласа, изјави Станковиќ.

Советниците од СДСМ соопштија дека и претходниот пат и сега ќе гласаат за исплата на овие субвенции затоа што студентите, пензионерите, вработените, средношколците кои постојано го користат јавниот градски превоз се потпираат на неговата функција.

Сепак, само 22 советници гласаа „за“, додека другите не гласаа.

Претходно пак, советниците одлучија да не доделат субвенции и за ЈП „Градски паркинг“ од 5.000.000 денари, за монтажни паркинзи во Центар, Чаир, Кисела Вода и Аеродром.

Претходна вестКучиња скитници искасаа три лица во Скопје
Следна вестКовачки: Генерали и полковници сексуално малтретирале офицерки