ЈСП „Скопје“ објасни зошто дел од валидаторите во автобусите се завиткани, се правела надградба на системот

Во тек е надградба на Системот за автоматска локација на возила и електронска наплата во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници, согласно со договорот бр. 08-359/1 од 15 април 2024 година со софтверската компанија „Аитоникс Македонија“, соопшти денеска ЈСП „Скопје“.

Оттаму информираат дека надградбата се врши во три фази. Во моментов се работи на втората фаза, во која се инсталира по еден валидатор во сите возила од новиот надграден систем. Оваа фаза ќе заврши до 15 септември 2024 година, кога почнува третата фаза, односно паралелна работа на двата системи, при што новиот валидатор во целост ќе ги прифаќа билетите како и во стариот систем.

– Поради оваа причина новите валидатори се во моментов заштитени бидејќи се уште не се во функција, а со цел да се заштитат до моментот додека не се заврши втората фаза во сите автобуси. Третата фаза ќе трае 15-30 дена при што ќе се детектираат сите недостатоци на новиот систем, доколку постојат такви. Потоа се исклучува во целост стариот систем, се поврзува и предниот валидатор на новиот систем, со што надградбата ќе биде завршена. Ги молиме граѓаните за разбирање во овој преоден период, се вели во соопштението од ЈСП „Скопје”.

До објаснувањето доаѓа откако во медиумите се појави информација дека дел од валидаторите за билети поставени на задната врата во автобусите на ЈПС „Скопје“ не работат. Апаратите за плаќање биле завиткани со црни кеси и патниците можат да го поништат билетот само на валидаторот поставен на предната врата. Тоа создава дополнителни гужви во автобусите кои и така ги нема, а кога ќе дојдат се преполни со патници.

 

Претходна вестДве лица пронајдени починати во своите домови во Скопје
Следна вестВремето денес сончево со мала облачност и северен ветер