ЈСП „Скопје“ вработи 35 нови возачи, велат дека сега имаат вкупно 623

Од денеска 35 нови возачи започнуваат со работа во ЈСП „Скопје“, со што бројот на возачи изнесува 623, што е гаранција за секојдневно непречено функционирање на јавниот превоз, соопшти денеска најголемиот градски превозник.

Оттаму додаваат дека од претпријатието до овој момент нема заминати возачи, освен лицата кои под редовни услови заминуваат во пензија.

-Апелираме корисниците на јавниот превоз да не потклекнуваат на обидите за ширење на лажни вести од одредени политички структури дека „автобусите ќе застанат“ поради немање на возачки персонал. Напротив, полека, но сигурно, се подобруваат условите за работа на вработените што е предуслов за подигнување на квалитетот на јавниот превоз. Спорадичните случаи на сообраќајни незгоди и контроли во градот врз кои претпријатието нема влијание, а поради кои се случува да доцнат автобусите се ставаат во дневно политичката агенда на напади врз ЈСП „Скопје“, се наведува во соопштението.

Се додава дека во последните неколку месеци два пати на сите вработени во ЈСП Скопје платата им е покачена и истата се исплаќа во законски определениот рок и покрај тоа што за прв пат по децении за ЈСП не се одвојуваат и исплаќаат средства за студентскиот стандард.

Претходна вестСтоилковски ги објави цените од владиниот ресторан, омлет со свинско за 65 денари, замрзнати цени за министрите наместо во продавниците
Следна вестАмериканец уби дете со палестинско потекло поради војната во Израел