Кацарска: Го завршувам мандатот со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив

Акт што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат, зголемен буџет, намалување на бројот на старите предмети, полн капацитет на Уставен суд и зголемена транспаренетност, се дел од активностите кои претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, ги потенцираше за својот тригодишен мандат.

На прес-конференција во Уставниот суд таа денеска даде осврт за преземените обврски и активности за времетраење на нејзиниот мандат. Во фокусот на нејзиното обраќање беше Актот што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат.

Таа ги наброја бројните промени кои ги донесе Актот, како што се тоа што првпат Уставниот суд ќе им овозможи на правните лица и на странските државјани да поднесат барање и да побараат заштита за нивните слободи и права и можноста Народниот правобранител да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани кои тоа сами не можат да го сторат.

– Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и т.н контролни механизми за судиите и претседателите, да не може да се чуваат предмети „во фиока” со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу шест месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Уште поважно, претседател на Уставниот суд откако ќе ги добие готовите предмети, не смее да ги чува подолго од еден месец и во тој период од 30 дена ќе мора да ги стави на дневен ред на седница, образложи Кацарска.

Потенцираше дека е скратен рокот за одговор на доносителите на актот од кои барале мислење во текот на постапките, па така наместо 30 дена максимален рок за одговор, ќе мора да го дадат за најмногу 15 дена, по барањето на Уставниот суд.

– Како битна новина е и тоа што кога се поведува постапка за некои закони, а доколку Судот утврди дека може да настане некој вакуум простор со укинување или поништување, при што граѓаните или правните лица во тој период не може да ги остварат своите права, Уставниот суд ќе се обрати до доносителот на актот и ќе им даде рок од најмногу шест месеци за да направат исправка. Ваков начин на работа имаат уставните судови во Словенија, Германија и други земји, дополни Кацарска.

Во освртот го спомена и намалувањето на бројот на стари предмети од кои некои се чувале и по десетина години.

– Статистиките кои ги водиме покажаа дека има раст на укинати или поништени акти. Имено, во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки. Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави, факт којшто говори за непристрастноста на Уставниот суд, рече таа.

Дополни дека во овој момент судот работи со полн капацитет, вкупно девет судии и пополнетост на службата според потребите за работа, а помеѓу останатите вработени, за прв пат е вработен информатичар.

Во насока на финансиската независност на Уставниот суд, таа рече дека е обезбеден двојно поголем буџет за институцијата, што, според неа, придонело за подобри работни услови.

– Конкретно од 2020 од безмалку 40 милиони денари , во 2024 година буџетот на Уставниот суд изнесува 74 милиони денари, рече таа.

Кацарска информираше дека за прв пат во Уставниот суд е оформена канцеларија за класифицирани информации иако таа обврска постоела петнаесетина години наназад.

– Го завршувам овој мандат со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив, рече Кацарска, заблагодарувајќи им се на колегите и на сите граѓани кои верувале во капацитетот и независноста на Уставниот суд.

Тригодишниот мандат на претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, истекува на 2 јуни. Нејзиниот наследник, според најавата од Уставен, треба да биде избран утре од редовите на судиите.

На прашањето што очекува од нејзинито наследник, таа рече дека очекува Судот и понатаму да биде ажурен, да постапува по сите предмети без разлика од кого е поднесена иницијативата.

– Очекувам да продолжи таму каде што застанав јас, рече таа.

Aктуелни судии во Уставен суд од кои до крајот на месецов некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

Претходна вестБрутално убиство во Србија: Снаа со нож ја убила свекрвата
Следна вестЊу Делхи регистрира рекордни 52,3 степени Целзиусови