Каде е Спасовски, треба да даде објаснувања околу пасошите?

Втор ден од државниот притвор за над 650.000 граѓани на Македонија. Тие, не по своја вина, немаат пасоши со омилениот збор на власта – „Северна“ и не можат да патуваат надвор од земјата. А ако се некаде надвор, тешко и со многу перипетии можат и да се вратат во земјата

Да биде пострашно и да сакаш да смениш пасош, тоа е неизводливо. Има преголема гужва, ќе ти закажат термин за кој знае кога, а и уште пострашното е дека нема доволно обрасци (само околу 5.000 на македонски јазик) на кои би се испечатиле пасошите. Значи ќе те фотографираат и потоа ќе си чекаш, чекаш…

Колосална неправда, направена поради површност на власта и лоша организација во МВР.

Сега и провладините подржувачи можат да видат дека донеодамнешните уверувања на поранешниот министер во МВР, Оливер Спасовски: „се тече по планот околу промените на личните документи“ – биле празни зборови.

Каде е сега Спасовски да даде објаснување зошто и како се направи овој невиден хаос и кршење на основните човекови права за слобода на движење? Тој треба да објасни и зошто сега нема доволно обрасци, зошто ги немаше фамозните налепници „НМК“ до последниот ден од ултиматумот?

Одговор на овие две прашања е доволен за почеток. Јавноста треба да знае кој и зошто и како направи невиден хаос и понижување за граѓаните. Срамот кој и е нанесен на Македонија на светската сцена ич да не го споменуваме.

Само да расчистиме, неприфатлив е одговор од типот на она што го зборуваше Спасовски пред месеци – дека граѓаните си се сами виновни доцна почнале да менуваат пасоши. Не е сериозен одговор и она што сега почна да го вергла поранешниот премиер Ковачевски – дека имало застои поради ковид кризата, дека и набавката на обрасците идел тогаш тешко, дека…

Многу видни правници во земјава веќе мислат дека одговори треба да бара и Обвинителството. Ќе го сторат ли тоа обивинителите?

Вината на колосалниот скандал лесно може да се најде. Само треба да се тргне по пошетните факти: Преспанскиот договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година. Тој предвидуваше рок од пет години, до 12 февруари 2024 година за промена на личните документи на македонските граѓани. Но, од јануари 2019 па до август 2021 година нашата држава продолжи да издава лични документи со старото име на државата определувајќи им важност и по 2024 година.

Зошто, откако во 2021 година почна издавањето на нови обрасци со новото име на државата не се преземаа поорганизирани акции за што побрзо менување на личните документи? Наместо тоа, се даваа изјави дека процесот ќе заврши до февруари, тоа и се кажувало дури и на грчката амбасадорка дури и во јули минатата година кога бројот на граѓани кои чекаа на промена изнесуваше околу 800.000 лица. Тогаш и најпроста математика кажуваше дека за да се исполни рокот до 12 февруари ќе треба секој ден по 3.900 граѓани да менуваат пасоши, а што беше невозможно. Но, или надлежните не знаат математика или…?

А одговор сега треба да дадат и СДСМ и ДУИ: Зошто не се промени и законот во делот за пасошите и тие да имаат важност до крајот на годината како што тоа го направија за возачките дозволи? Па нели граѓаните и нивните права се најважни?

 

 

Претходна вестСДСМ: Успех на нашите министри – бесплатна е замената на возачките и сообраќајните дозволи
Следна вестУкраина тврди дека го потопила рускиот десантен брод „Цезар Куников“ во Црното Море