Бактеријата ешерихија коли била најдена во новороденчето од Прилеп кое вчера почина на Детската клиника во Скопје, а таа е можен предизвикувач на кобната сепса. Лекарите ја откриле бактеријата при прегледот за време на приемот во Скопје.
Ова за агенцијата „Макфакс“ го изјавила директорката на Детската клиниката, Стојка Нацева-Фуштиќ која потврди дека бебето ги имало двата најголеми индикатора на сепса. Бебето од Прилеп било примено на Детската клиника на 5 ноември во лоша состојба, млитаво, со нарушена свест и со повремени прекини во дишењето.
-Бебето кај нас беше примено со висок прокалцитонин, кој е маркер за воспалителни процеси во телото и еден од индикаторите за рана неонатална сепса. Исто така, беше утврдена и нарушена коагулација, во сите испитувани времиња коагулацијата на крвта беше нарушена, што исто така е индикатор за сепса. Од дишните патишта на бебето беше изолирана бактеријата ешерихија коли, која се смета за еден од најчестите причинители на сепса, но бактеријата не беше потврдена во хемокултурата. Имаме два наода на хемокултура, кои се негативни, но треба да имаме предвид дека бебето веќе беше на антибиотска терапија. Состојбата му се влошуваше, му откажаа бубрезите, имаше попрогресивен тек на болеста, нешто што не може да се предвиди каков замав ќе земе, а исходот беше летален седум дена по приемот кај нас, изјави Нацева-Фуштиќ за „Макфакс“.
Од друга страна, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Прилепската болница по смртта на новороденчето старо десетина дена.
Случајот го обелодени вчера мајката на бебето Лиле Петровиќ на социјалните мрежи. Таа објави дека се породила во Прилепската болница со здраво машко дете со 2.700 грама, за по една недела да ѝ кажат дека нејзиното дете се разболело и починало. Како што сведочи, нејзиното новороденче најпрви било третирано од жолтица, а во прилепската болница и рекле ќе биде пратено во Скопје и дека таму имале подобри апарати. Дента на хоспитализирање на Детската клиника, раскажа мајката, и’ кажале дека е инфекција, а по два дена испитувања дека детето фатило тешка сепса и како такво било донесено од Прилепската Болница.
-Бев префрлена во болничката соба после пораѓај, а детето беше земено за испитувања на кои ми потврдија дека сé е во ред. По неколку часа го донесоа да го видам, беше едно од бебињата кое беше највесело, веднаш почна да цица и сé се чинеше во ред. По два дена ми беше кажано дека ќе го носат на зрачење од бебешка жолтица 6 часа и после тоа дека ќе ме пуштат дома. По 6 часа јас бев спремна да си одиме, дојде сестрата и ми кажа дека бебето ќе биде зрачено уште 6 часа за да не морало да се враќаме пак тука. Вечерта детето ми беше донесено само половина час и го зедоа. Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел. Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да им вика, што направиле со него. Му направила уште една кривна слика која сега ми кажува дека “Беше супер“ и дека немало никакви знаци на инфекција“, пишува мајката Лиле, додавајќи дека сестрите ја информирале дека нејзиното бебе ќе мора да се испрати на Детската клиника во Скопје, со образложение дека таму имале подобри апарати.